Интервју: Др.Спец.Афродита Берат Хусеини -Вработена на Универзитетската Клиника за Токсикологија

6356

1 Какви се вашите генерални искуства  со Роми пациенти, врзани за нивниот однос  кон здравствените работници?

Во однос на првото прашање врзано со  моите лични искуства со Роми пациенти, морам да нагласам дека јас, како лекар специјалист, воедно и асистент на Медицински Факултет, моите пациенти/ студенти не ги делам по верса/ етничка или било каква друга припадност.  За мене пациентите се еднакви и сите добиваат соодветен третман, согласно патологијата за која се јавиле на преглед, во склоп на протоколите за дијагностика и лекување . Несмее да биде поинаку. Поделба на пациентите по етнос за било каква цел (освен статистичко/ епидемиска) е недозволиво.

Доколку ја направам поделбата поради потребите  на Вашето интервју, ќе кажам дека одностот на Ромите , воопшто не се разликува од односто на пациентите не-Роми( кон медицински персонал)  во мојата ургента амбуланта. Јас сум вработена ка Универзитетската Клиника за Токсикологија, каде пациентите се јавуваат за акутни состојби, било да се интоксикации или  од интернистичка природа. Секогаш бараат помош, а односот кон мене како лекар зависи од нивното ниво на образование, воспитување и култура. Секако голем дел припага и на актуелната состојба на итност и паниката и стравот кои ги обземаат.

Затоа тука е лекарот, да со своето знаење ги згрижи, и секогаш со јазик разбирлив за пациентот објасни што се случува, какви иследувања ке следат , каков ќе биде третманот. 

  1. Дали може да ни одвоите позитивно искуство со Роми пациенти?

Можам да ги издвојам   реакциите  на пациентите и придружбата кога ке им се обратам на нашиот мајчин јазик. Најчесто иако им зборувам Ромски- комуникацијата продолжува на македонски јазик, т.е продолжуват да ми одговараат на македонски јазик. Понекогаш ќе слушнам коментар  “  Види ја докторката, знаела ромски. “ проследен со неверување дека пред нив стои доктор ром.

Во најголем ден од случаите зборувањето ромски им влева доверба на пациентите, но има и ситуации кога по сознанието дека ги лекува докторка Ромка, бараат и мислење од моите шефови, не уважувајќи го моето знаење. Морам да напоменам дека ваква недоверба никогаш не сум почуствувала од пациенти не-Роми.

  1. Колку се придржуваат ромските пациенти кон правилата/ терапиите кои им се препишуваат.?

За жал, народот во нашата Македонија е сиромашен. За време на една ноќна смена јас прегледувам од 20 до 30 пациенти. Слободно можам да кажам дека од тие дваесетина, најмалку 10 нема да ја земат препишаната терапија, од една единствена причина- немање на доволни финансиски средства.  Затоа и обемот на работа во ургентните служби е толку зголемен.Пациентите немаат средства за редовната терапија, по што следи влошување на основната болест и рехоспитализации.

Ромите се  најранлива категорија на граѓани. Најголем дел живеат на работ на сиромаштијата , тоа се социјално загрозени, многудетни семејства, без постојани приходи.  Лошите финансии најчесто ги оневозможубаат да ја користат редовно препишаната терапија за хроничните болести , но и за новонастанати акутно заболувања.  Ова не е поради недовреба во лекарите / медицината, резултат е на сиромаштијата и лошата финансиска ситуираност.

  1. Дали сметате дека Ромите се дискриминирани?

Многу тешко прашање. Во едно идеално општество дискриминација несмее да постои во здравствени установи. Но такво општество не постои. Една обична поделба по етнос ( како во вашето прво прашање) ги вади на површина предрасудите и стереотипите кои во себе ги носи секоја личност.  А предрасудите последни умираат.

Дискриминацијата постоела и постои. Ромите биле и ќе бидат дискриминирани. За жал и покрај сите заложби секогаш неможе да се докаже, а и во голем дел од времето ни да се препознае. Образованието е клучот за нас, тоа ни е единствен излез.

5.Што треба да се промени во односот доктор-пациент за да се подобри состојбата од сите аспекти.?

Народот во Македонија  здравствено не е  доволно едуциран. Потребнани е промоција на здравјето и здравствена едукација.  Потребно е пациентите да одат на редовни контроли , на превентивните прегледи согласно годините. Морат да знаат да ги препознаат симптомите на ургентните состојби во медицината.  Пациентите да бидат запознаени со своите права, но и обврски. Да се врати взаемната доверба. Денес  лекарите не ја уживаат истата почит како пред десетина години. А ја заслужуваат, затоа што целиот живот го посветуваме на здравјето на нашите пациенти, стекнуваме знаења и вештини за доброто на пациентите. Взаемната почит и доверба се основа на секој добар однос, па и на тој лекар-пациент.

Подготвил: Ерџан М. Неџмедин А.-Рома Пресс

Ова интервју ќе послужи како инспирација за театарскиот проект ,,ЛАВИРИНТ’’ на Театар Рома

Интервјуто е во рамки на проектот ,,Менување на наративите за Ромите во здравствените институции’’. Проектот е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.