Во последните години се почесто сме сведоци на медиуми што се претставуваат како „глас на Ромите“, како платформи што наводно работат исклучиво во интерес на ромската заедница. Но, кога ќе се загледаме подлабоко во нивната уредувачка политика и содржините што ги пласираат во етерот, се поставува прашањето: дали навистина зборуваат за Ромите или преку Ромите,за сопствени интереси?
Ромските медиуми имаат огромна одговорност. Тие треба да информираат, едуцираат и да бидат коректив на општеството, особено во средина каде што ромската заедница со децении е маргинализирана, оставена сама на себе. Наместо тоа, дел од нив се претворија во алатка за лична промоција, политички пазарења или финансиски интереси. Во јавноста се претставуваат како заштитници на правата на Ромите(манипулатори),а зад камерите функционираат како продолжена рака на центри на моќ.
Најголемиот проблем е што ваквото однесување ја злоупотребуваат довербата на заедницата. Кога медиум во етер говори за „напредок“, „поддршка“ и „успеси“, а во реалноста секојдневните проблеми на Ромите остануваат исти, сиромаштија, дискриминација,нееднаков пристап до образование и здравство, тогаш тој медиум не информира, туку манипулира. Молчeњето за овие теми е исто толку штетно колку и погрешното информирање.
Дополнително, ваквите медиуми често ги користат ромските приказни како средство за добивање проекти, донации или политички поени. Личните судбини стануваат бројки во извештаи, а проблемите како алатка за профит. Ромите се претставуваат како објект на помош, а не како активни субјекти со глас, став и право на критика.
Вистинскиот ромски медиум не смее да биде ничиј мегафон. Тој мора да биде независен, критичен и искрен, дури и кога тоа не им одговара на оние што го финансираат или поддржуваат. Работата во интерес на Ромите не се докажува со декларации во етер, туку со храброст да се поставуваат непријатни прашања и да се зборува вистината.
Затоа, време е да се прашаме: кому му служат ромските медиуми денес? Ако одговорот не е „на заедницата“, тогаш тие ја промашиле својата суштина.
Aвтор:Неџмедин А.
(Ставовите објавени во рубриката-Колумни се гледиште на авторот,Рома Прес не сноси одговорност за содржината на истите)



































