Добредојдовте во вечниот циклус на ромскиот идентитет. Ако не набљудува некој отстрана, би помислил дека сме го усовршиле концептот на „баланс помеѓу животот и работата“ само што кај нас тоа е „баланс помеѓу идентитетот и настанот“.
Ние не сме народ, ние сме патувачки циркус од емоции кој се појавува точно тогаш кога во календарот има црвено заокружен датум.
Рамазанските светци и егзидусот по Бајрам
За време на Рамазан, ние сме врвот на исламската креација. Нема да најдете Ром кој одеднаш не ја открил длабочината на духовноста. Постиме, се молиме, толку сме свети што ангелите во Мека веројатно ни завидуваат.
Но, штом ќе помине Бајрам и ќе се изеде и последното парче баклава, изгледа како Бог да заминал на годишен одмор. Теписите за молитва фаќаат прашина побрзо отколку што можеш да кажеш „Амин“, а побожноста испарува како чад од шиша на ветар.
До следната година, иншалах или барем до следната слика со бројаница на Инстаграм.
8-ми април: Раѓањето на супер патриотите
Потоа доаѓа 8-ми април. Меѓународниот ден на Ромите. На тој ден нема поголеми патриоти од нас. Го вееме сино-зеленото знаме со црвеното тркало толку силно, како лично да сме го нацртале вчера. Држиме говори за нашата славна историја, за нашиот отпор и за нашата бесмртна култура. На тој ден секој од нас е мал Ганди, борец за слобода, визионер.
Но, тешко нас кога ќе дојде 9-ти април. Патриотизмот завршува во канта заедно со пластичните чаши од прославата. Знамето се витка и се става во подрум, веднаш до грижата на совеста.
Молчењето на јагнињата (и на НВО-секторот)
А каде се нашите „лидери“? Нашите избрани претставници, принцовите од НВО-секторот и верските поглавари?
Политичките професионалци: Тие се појавуваат точно на празниците, ја вадат својата најсјајна насмевка и делат ветувања како бонбони на свадба. Зборуваат за „интеграција“ и „иднина“, додека во главата веќе ја планираат следната транша од грантот за семинар на тема „Значењето на орото во пост-модерната“.
НВО елитата: Тие се експерти за менаџирање со проблемите, наместо за нивно решавање. Зошто би го запреле гладот, кога можат да одржат гламурозна конференција во климатизиран хотел за да дискутираат за гладот?
Верските претставници: Нè благословуваат додека одиме во џамија или црква, но нивната визија за подобра иднина најчесто завршува на прагот на верскиот објект.
Иднина на рати?
Удобно е да се биде сезонски народ. Тоа не ослободува од товарот да преземеме одговорност во текот на целата година. Зошто би барале вистински решенија за образованието, дискриминацијата или горката сиромаштија, кога можеме едноставно да преживуваме од празник до празник?
Се додека нашата политика се сведува на тоа да викаме гласно на 8-ми април, а да молчиме и да страдаме остатокот од годината, сè додека нашите верски лидери ја проповедаат само празничната моралност, а нашите НВО-а си го слават сопственото постоење – ние остануваме токму тоа: Народ на пригоди.
Светски шампиони сме во славење, но во последна лига кога треба да се дејствува. Можеби за следниот 8-ми април треба да си ветиме нешто навистина лудо.
Да бидеме Роми и на 9-ти април. Со сите проблеми што одат со тоа но и со вистинска желба конечно да ги решиме, наместо само да ги „запиеме“ на софра.
Aвтор:Фатмир М.
(Ставовите објавени во рубриката-Колумни се гледиште на авторот,Рома Прес не сноси одговорност за содржината на истите)





































