Колумна Мустафа Д.- Ромите како PERSONA NON GRATA во Поликата

2913

30 години од осамостојувањето на Република Македонија, 30 години се вртат исти ликови на ромската политичка сцена, небаре ко да се султани и тронот не го даваат макар и да бидат човек-партија.

Се пикаат како глувци во сено во секоја политичка гарнитура која ќе дојде на власт, но што добиваат Ромите како сегрегиран и маргинализаран народ,од тоа? Ништо освен аплауз на секој предизборен митинг, кога доаѓат големите политички партии, во некоја ромска населба, посебно во Шуто Оризари, каде ветувањата за подобро утре, летаат како вселенски брод и до небото, но слетуваат брзо после избори како persona non grata во ромската политика.

После избори повторно истите деценски проблеми, бенефиции добиваат само најблиските членови на ромските партии, а иста песна се пее за мнозинството Роми низ државата.

Ко да немаме млади, интелктуални, стручни лица, или тие ни им одговараат на “Ромските Султани”, а низ историјата само револуцијата,се покажа како акт кој може да го сузбие халифетот на некој лидер. Времето е пред нас, пред нас се раѓаат нови борци на слободата, дали ќе земаат пример од старите султани ќе видиме, историјата треба да ни биде учител, а учениците треба да бидат спремни за револуција во ромската политика.

И додека се случуваат битни политички процеси во државата, Deja Vu Ромите се повторно изолирани од општествените случувања.

Не можеме да останеме рамнодушни на оваа политичка блокада од страна на големите партии, не сакаме ништо попреку, само основните права, да бидеме вклучени во политичките процеси на државата.

Според неофицијални резултати од последниот попис Ромите сме трета по бројност етничка заедница, податок кој не треба да се користи само како празна статистика, бројка важна само кога се прават калкулации за изборни процеси, туку бројка која ќе делува, работи и твори во ова наше мултикултурно општество.

На крајот на денот просечниот Ром, Македонец, Албанец ги имаат истите секојдневни проблеми и поради тоа само со акт на солидарност, подадена рака, да чекориме кон подобро утре. За нас и нашите деца.

Мустафа Демировски за Гласник.