Реакција на содржина со елементи на антициганизам во испитен материјал за државна матура

421

Nekobor Biradjakere organizaciе, medie bichalge reakcija dji ko:
-Ministeriumi bash edukacija
-Biro bash buvlaripe edukacijako
-Rastrako ispitikano centari
-Komisija bash ćhinavipe thaj arakipe tari doskriminacija
-Institucija taro Ðihanesko hakajaarakibnasko.

I Reakcija kerlapes sebepeja taro saikeripe elementija taro anticiganizam ko ispitalno materijali tari raśtrakiri matura.

Teleder daja tumen te drabaren(ćitinen) i sasti reakcija bichaldji ki Makedonikani ćhib.
—————-

Предмет: Реакција на содржина со елементи на антициганизам во испитен материјал за државна матура

Почитувани,

Преку оваа писмена реакција сакаме да изразиме сериозна загриженост заради употребата на текст со антициганистички содржини како дел од испитниот материјал на предметот македонски јазик за државната матура. Станува збор за текст што се однесува на ситуацијата на Роми без државјанство, во кој на проблематичен начин се опишуваат социјалната состојба и правниот статус на оваа заедница.

Во текстот, Ромите се претставени исклучиво како сиромашни, неписмени и невидливи за државата, со што се создава стереотипна и деградирачка слика за цела етничка заедница. Јазикот кој се користи („буричкање по контејнери“, „непостоечки за државата“) придонесува кон нивна дехуманизација и нормализирање на нивната исклученост.

Особено загрижувачки е што ваков текст е поставен во контекст на образовен испит, каде учениците се повикуваат да репродуцираат содржина, без ниту едно прашање кое нуди можност за критичко размислување или проблематизирање на институционалната дискриминација. На овој начин, се пренесува порака дека ваквото претставување на Ромите е прифатливо, со што се продлабочуваат предрасудите и социјалната дистанца.

Дополнително, ваквиот пристап е во спротивност со повеќе домашни и меѓународни обврски:

Законот за спречување и заштита од дискриминација,
Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030,
Националниот Акционен План за антициганизам
Општата препорака бр. 32 на Комитетот за елиминација на расната дискриминација на ООН,
и Работната дефиниција за антициганизам усвоена од Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (IHRA), која Република Северна Македонија ја поддржа.
Повикуваме:

Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието итно да извршат ревизија на наставните и испитните материјали во кои Ромите се спомнуваат, со цел нивна усогласеност со принципите на човекови права, недискриминација и социјална правда;
Државниот испитен центар да обезбеди соодветна стручна проценка на содржините од аспект на дискриминација и говор на омраза пред нивна употреба во државни испити;
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Институцијата на Народниот правобранител да отворат постапка за утврдување на индиректна институционална дискриминација во образовниот систем преку вакви примери.
Оваа реакција има за цел да поттикне одговорно постапување од сите надлежни институции во насока на создавање инклузивно, правично и достоинствено образование за сите ученици, вклучително и за учениците од ромска етничка припадност.

Со почит,

Институт за истражување и анализа на политики Ромалитико
Здружението Асоцијација Иницијатива за Социјална Промена- ИнСоК
Здружение за развој на ромската заедница СУМНАЛ
Центар за ромска заедница ДРОМ
Здружение на граѓани – Ромски Ресурсен Центар (РРЦ)
Регионална Ромска Образовна Младинска Асоцијација РРОМА
Здружение на мултиетничко општество за човекови права
Здружение за унапредување, поддршка и развој на ромската заедницата АРКА
Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари
Едукативен медиумски центар 24 Вакти
Ромаверзитас Скопје
Регионален Хаб во рамки на проектот „Надвор од бариерите: Резилиентност на Ромите во Западен Балкан“