Чии жтрви сме ние Ромите?

4401

Кога светот молчи кога црните војници ти го горат постоењето,а потоа не признаваат, што ти преостанува да сториш? Што да прави нашиот народ кој во својот етос носи трауми од минатото, а особено од минатовековната европска историја? Кои народи имаат слични судбини како нас и што тие имаат сторено за да се издигнат од дното? Како да придолжиш да живееш кога од претходните генерации си ја наследил културата на “молчи синко, ние сме Роми, како ќе ни кажат така ќе правиме, во нивна држава живееме”. Навистина ли е така? Навистина ли државите се “нивни”, а не наши?

Со појавата на националните држави се појавува и опасноста од национализмот да премине во својот екстрем кој ќе кулминира со геноцид чии жртви, реално, бевме и ние Ромите. Да, Ромите се големи жртви на нацизмот! После едно тавко трауматично искуство претерано е тешко Ромите да застаанат на свои нозе и да продолжат да чекорат во овој нов глобалистички и капиталистички свет кој шиба. Свет каде гледањето на себе како жртва е веќе станат луксуз кој само ќе те кочи да бидеш во тек со новите начини на живеење и функционирање.

Значи, од  една страна имаме една брутална реалност која вели дека имаме легитимно право да речеме дека во минатото сме биле третирани полошо од животни и дека тоа не има осакатено. Но, од друга страна имаме и друга реалност која вели дека живееме во време каде само тие што успеале да се излечат од траумите успеваат. Како да се излечиме од огромните трауми кои се манифестираат и денес преку разните форми на дискриминација, сегрегација, симболизација, говор на омраза? Каква слика за себе си проектираме? Дали е воопшто возможно еден народ да биде толку силен што ќе премине преку сите директни и индикректни истрбувања и ќе продолжи нормално да функционира?

Што правиш кога светот те сегрегира? Многу е едноставно! Се затвораш во свој микросвет и внатре во него функционираш и си градиш свој свет. А, потоа својата успешна приказна му ја сервираш на светот и застануваш рамо до рамо со манифестациите на моќ во светот.

Има една група на луѓе која има доживеано слична судбина како нас Ромите, а успеале да преживеат, да застанат на свои нозе и, еве ги, издигнати се на ниво на вистинска политичка и економска моќ. Погледнете ги само Евреите! И тие имаа слична историја како нас. И тие беа горени и палени исто како нас! И тие преживеаа исти трауми како нас! Но, тоа што ги издигна Евреите е токму тоашто светот ги сегрегираше, па тие таа лоша реалност си ја искористија и се затворија во свои микросредини каде си изградија свој свет и каде живееа по принципот на чувството за заедничко минато и преголема солидарност. Првиот чекор што го направија беше консолидирање на самите себе, па дури потоа како силна група застанаа пред светот. Тие се силна група со силно чувство на припаѓање и покажуваат дисциплиниранот и солидарност кон своите членови.

Од друга страна ги имаме Ромите, кои не ги следат чекорите на  Евреите и продолжуваат да бидат само жртви и ништо повеќе. Ние сме таков вид на перманентни жртви кои постојано и одново секогаш ќе наоѓаат џелати чии жртви, понекогаш реално се, а понекогаш мислат дека се, чисто поради улогата на жтрва која си ја имаме инсталирано и супер ни оди во тоа жтрвосување. Секогаш ние ќе си најдеме причина за нашата несреќа. Да, често се случува и фактички да бидеме и дискриминирани, и сепарирани, и третирани лошо! Но што треба да правиме? Само да покажуваме со прст кон не-Ромите и да кукаме? А, секогаш кога покажуваме со прст кон некого, другите три прсти се вперени кон нас! И ние имаме вина за ситуацијата во која се наоѓаме! Не велам дека сме виновни што некој не дискриминира, но криви сме кога молчиме на дискриминацијата која се случува секој ден!

Кога некој постојано те дискриминира и те сегрегира дали треба да чекаш да се случи чудо, па другиот да те интегрира во својот свет? Реално, имаме поединци кои имаат свои успешни приказни и кои успеале да се интегрираат. Имаме и такви хронични интегративци кои веќе и си го имаат изгубено својот етнички идентитет, па се декларираат како своите сегрегатори. Искрено, дел од нив успешно си тераат играјќи по линија на помал отпор и припојување кон „државотворното“ мнозинство. Овие луѓе немаат појма колкава штета си прават и на себе си и на својот народ! Губиме еден куп права, и ние и тие, поради нив, па државите мислат дека не има помалку одошто реално сме.

Првиот чекор што треба да го направиме е за си признаеме на самите себе дека претеравме со кукањето и лоцирањето на виновниците за нашата судбина. А, не е дека нема надворешни виновници! Има еден куп! Постојано не попречуваат нормално да живееме и да функционираме. Но, тие се дел од проблемот. Не треба да тапкаме само во лоцирање на проблемот. Мислам дека на сите ни е јасно дека другите баш не не мирисаат. Пак ќе продолжиме да покажуваме со прст? Пак ќе продолжиме да се фокусираме на проблемот?

Решение ни треба! И тоа не какво било решение, туку системско, долгорочно решение кое од корен ќе ги промени нештата. За екстремната катастрофа која не снајде, што поради другие, што поради нас саните, потребни се радикални промени во наравот.

Прво, треба по примерот на Евреите да го искористиме тоа што другите не сегрегираат, па да се затвориме во свои микросредини каде ќе се издигнуваме. Светови каде преку солидарност заедно ќе се издигнеме, без да си копаме очи еден на друг! Секако, ни треба и мала помош да си се издигнеме! Ама, ја имаме! Ја имаме меѓународната заедница чија помош често егоситично ја искористуваме за личен развој без да и помагаме на нашата заедница. Треба порационално да ги искористуваме ресурсите што ни се даваат во име на афирматини акции и политики. Знаете, често постои и подадена рака, или пак можност другата страна да ни даде мал простор да побараме нешто од нив. Ама, ние бе луѓе не можеме да се договориме што сакаме! Што од државата, што од меѓународната заедница. Да, постојат области во кои секогаш постои потреба да се инвестира. Но, клучно е насапувањето со заеднички став пред националните креатори на политики и нашите претставници во органите на власт да побараат она што на ромскиот народ му треба. Уште се немаме договорено што да бараме! А во таква ситуација ромските политичари продолжуваат да бараат од властите задоволување на своите лични потреби. Значи, издигнување на ромската заедница зависи од нас. Време е критиката малку да ја свртиме кон самите себе и да видиме што можеме, а не правиме, за да си помогнеме на самите себе.

Солидарноста е клучот! А, солидарноста се случува преку чувството на припадност и гледањето еден на друг како на свој човек со кој имаме заедничко минато, делиме слична судбина и уживаме горе-долу ист третман од страна на државите. Сетете се само на времето кога Македонија ни го ограничуваше правото на слобода на движење па не враќаа од граница. Не им беше тогаш важно дали си богат или сиромашем, образован или необразован, сите ние за нив бевме „сомнителни“ со тоа што се потемни и заклучуваа дека сме Роми кои немаат право да си го искористуваат својот биометриски пасош како и останатите граѓани. Сите бевме тогаш Роми во очите на другата страна. А, колку би било убаво таа слика да си ја префрлиме кај нас самите. Сите ние еден на друг да гледаме како на Роми. Како што граничарите се фокусираа само на тоа дека сме Роми, така и ние самите да гледаме еден на друг како на  Роми. Многу е едноставно.

Ова е само почеток. Прва фаза. Потоа ќе следува веќе консолидираната група Роми да се издигнува и храбро да застане пред другите со свои барања кои реално ќе ја подобри состојбата на ромскиот народ. Исто како што Евреите имаа сторено!

И, чии се државите во кои ние Ромите живееме? Како да се чини дека на нас гледаат како на некој кој не поседува дел од суверенитетот на државата. А правно-политичката теорија за суверенитетот вели дека граѓаните се носители на суверенитетот кој е така поделен што секој граѓанин поседува подеднаков дел од националнипт суверениет! Е сега, зарем ние не сме граѓани на своите држави? А, државјанството што го имаме? А, данокот што го плаќаме? А, нашиот глас кој одлучува на денот на избори? Граѓани сме, и тоа како!!! Дали државата се однесува кон нас како на нејзини граѓани? Се чини дека државите и после многу векови на нас гледаат само како на група номади кои само поминуваат низ неа и немаат намера да останат! Ама, тоа е дел од нашето многу далечно минато! Време е да им се укаже дека сме тука, живеееме тука, планираме да останеме тука, и не одиме никаде! Лошо е државите да не убедуваат дека државите во кои живееме не се наши! А, како човек се однесува кон нешто што не е негово? Зарем треба да се дрзнеме и да им вратиме со иста мера и деструктивно да се однесуваме кон државата како нешто што не е наше? Не, нема да бидеме ние толку лоши! Ќе се бориме да им покажеме дека државата колку е нивна толку е и наша. А, тоа ни го гарантира нашето граѓанство, односно нашето државјанство.

Помислете добро! Кога еден човек е нападнат му преостанува да стори две нешта. Првото нешто е да продолжи да биде жртва која покажувајќи слабост може само да го моли другиот да не го напаѓа. Или, пак, од друга страна, може да биде борец кој ќе се бори. Прво ќе се ибори со самиот себе, ќе ги прифати своите силни сртани и своите маани, ќе си ги поправи мааните, па на крајот храбро ќе застане пред својот џелат. Ќе му даде до знаење дека пред него стои еднаков противник. А, знаете кога џелатот ќе види дека жртвата веќе не е слаба и дека на неа може да лечи свои комплекси, можно е да се случи и пријателство помеѓу овие двајца.  Мораме да склучиме две пријателства: да се помириме самите себе си и помеѓу нас, а потоа кога ќе бидеме скадни ќе се помириме со нашите џелати!

Автор: Руфат Демиров- Aпсолвент на политички студии на правниот факултет “Јустинијан Први”