Вчера на 08.04.2025год.во Општина Шуто Оризари, во присуство на Градоначалникот на Шуто Оризари – Курто Дудуш, Заменичката на Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Ана Чернишова, како и пред претставникот на Делеганција на Европската Унија беше отворен првиот Ресурсен центар за повратници и други маргинализирани групи.
Центарот се формира со цел обезбедување услуги и сервиси на локално ниво за поефикасна реинтеграција на повратниците во матични земји фокусирајќи се на неколку клучни сегменти, социјална заштита, вработување, образование, здравствени услуги, правни совети и друго. Се предвидува дека годишно, новиот Центар ќе опслужува околу 1000 повратници и други ранливи категории на лица.
Центарот е лоциран во општинската зграда во Шуто Оризари, изграден како посебен модерен и современ, енергетски – ефикасен објект на површина од 310 м2 наменети за потребите на Центарот, но и на Општината, невладиниот сектор и граѓаните.
„Шуто Оризари е првата општина во државата во која што се воведува овој модел на поддршка на повратниците и другите ранливи категории преку информирање, директни контакти и асистирање на лицата активно да се вклучат во социо – економските процеси во државата. Се надеваме дека примерот на нашата Општина ќе може да се реплицира и во други општини при што повратниците и другите ранливи групи ќе ја добијат соодветната поддршка за поквалитетен живот во матичната земја.“ – потенцираше Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш. Воедно напомена: „ Изминатите години на 8ми април пуштавме во употреба повеќе завршени улици, минатата година го кренавме Ромското знаме на јарбол во новоизградениот плоштад во општина Шуто Оризари, оваа година го пуштаме во употреба општинскиот ресурсен центар за повратници и лица во ризик, догодина на 8ми април се надеваме дека ќе го ставиме камен темелникот на првиот Ромски Културен Центар во нашата општина и во државата и со тоа ќе ја заокружиме и потребата од зачувување на Ромското културното наследство„
Формирањето и изградбата на Ресурсен центар за повратници се ко – финансирани од Општина Шуто Оризари и Европската Унија, а реализирано од Програмата за развој на Обединетите нации.
———-
Рома Прес 09.04.2025