Intervju- David B. Avgo Rom doktori pal nauka ani Makedonija..

2268

Sajdime, havlaraja tumenge o kjerdo intervju e rajoja David Berat, savo agoringa sar avgo rom doktori pal nauka telal sansarimo thaj buvlo rodlaripe, numa o hośipe(zadovolstvo)te ovel but baro tumaro thaj amaro o David tano avgo Rom savo doktoririnela ano akava univerziteti ki Makedonija.
Amaro intervju thavdela ani Makedonijaki ćhib sa sebepeja te drabaren(citinen)sa okola naRoma so na halovena i Romani ćhib.
👇👇👇
1. Давид Берат какво е чувството да станете доктор на науки по мировни и развојни истражувања, воедно и првиот Ром кој докторирал на универзитет во Македонија?

После сите завршени обврски од докторската школа кои подразбираат не само пишување на докторската дисертација, туку и положување на 9 обемни испити, пишување на научни трудови и објавување резултати, учество и предавања на докторски семинари и годишни конференции, можам да кажам дека чувството е преубаво. Чувствувам големо задоволство поради постигнатиот успех со многу труд и напорна работа. Особена чест ми е и гордост што сум првиот Ром кој докторирал на универзитет во Република Македонија.

2. Која беше твојата мотивација да станеш доктор на науки?

Од самиот почеток на моите студии по јавна администрација и политички науки знаев дека сакам да се бавам со наука и истражувачка работа. Поради мојата желба да станам универзитетски професор бев мотивиран да завршам докторски студии и да станам доктор на науки. За сите три циклуси на моите студии најголема поддршка и мотивација ми беше мојот татко д-р Бајрам Берат. Татко ми секогаш знаеше кој испит го полагам, која семинарска ја изработувам, до која глава сум со пишување на магистерската теза, кој индикатор го обработувам во докторската дисертација, со кој испитаник ми е закажано следното интервју. Секогаш ме мотивираше дека можам да станам што и да посакам со континуирано учење и макотрпна работа. Верувам дека образованието е најсилното оружје против дискриминацијата, стереотипите и предрасудите и само со патот на образование може да се постигне интеграција во современото општество.

3. Тешки ли се докторските студии по меѓународни односи и менаџирање конфликти?

Искрено можам да кажам дека докторските студии и пишувањето на докторската дисертација ми беа најтежок интелектуален предизвик. Не е едноставно да се завршат сите обврски кои се предвидени со Правнилникот за докторски стуии на Универзитетот Свети Кирил и Методиј. Кога сте на докторски студии имате повеќе обврски отколку додека сте на додипломски студии. Имате обврски на работа, потоа обврски дома со семејството, обврски на факултет како слушање на предавања, научно истражувачка работа, учество на конференции и семинари, а тука е и пишувањето на докторската дисертација. Треба добро да се организирате за да ги вклопите сите овие активности во вашето секојдневие и нормално потребна ви е поддршка од најблиските за истото.

4. Каков беше односот од страна на не-Ромите кога видоа дека е запишан докторанд Ром на докторски студии?

Од започнувањето на докторските студии на Филозофскиот факултет при УКИМ немав никакви проблеми поради мојата етничка група. Од самиот старт бев одлично прифатен како од останатите колеги така и од професорите на универзитетот. Никогаш за целиот процес на студирање не сум почувствувал дискриминација од ниту едно лице вработено на Филозофскиот факултет. Секогаш имав професионална и коректна соработка со сите. Некои од професорите беа малку зачудени кога ќе спомнев што сум по националност, но сите беа радосни што ете и Ром сака да се бави со наука и е запишан на докторски студии. Во групата бевме седум докторанти од кои само јас бев едно машко, па често знаев да се пошегувам дека е повеќе од јасно кој е поинтелигентен пол.

5. Имаше ли потешкотии додека го пишуваше докторскиот труд?

Како и секоја научно истражувачка работа така и пишувањето на докторскиот труд „Политиката кон етничките малцинства и менаџирањето конфликти: Политичката партиципација на Ромите во Република Македонија“ имаше свои предизвици. Прв предизвик беше одбирањето на самата тема, која треба да биде неистражено подрачје а воедно пак да има претходни истражувања за темата кои треба да се потврдат или одбијат. Потоа предизвик беше и кои испитаници да се вклучат во интервјуата, дел од планираните одбија да бидат дел од дисертацијата. Следен предивик беше изборот на индикатори и субиндикатори кои би се испитувале и би се поврзале со хипотезите на дисертацијата. Но со секојдневна работа, учење, истражување и пишување, успешно ги надминав сите предизвици и потешкотии со кои се соочив.

6. Колку време траат докторските студии?

Докторските студии се во времетраење од 6 години. Првите 3 години се посветени на испитите, докторските семинари, годишните конференции, објавувањето на резултати и пишување на научни трудови. Потоа имате рок од 3 години да го завршите пишувањето на докторскиот труд. Но треба да имате во предвид дека многу бавно се одвиваат активностите поврзани со наставно научните совети, по мое мислење имаат премногу бавни процедури, но тоа е тоа. За време на докторските студии клучна улога има менторот кој ќе го добиете. Имав голема среќа за ментор да ја добијам проф. д-р Лидија Георгиева која има голем дел од мојот успех и на која вечно ќе сум и благодарен.

7. Што претставува твојот успех за ромската заедница?

Мислам дека мојот успех треба да претставува мотивација како за ромската заедница така и за останатите малцинства во државата. Покажав дека без разлика на етничката припадност секој може да успее и да се стекне со највисокото научно звање – доктор на науки. Покажав дека и Ромите можат успешно да се носат со предизвиците кои ги носат докторските студии и дека Ромите можат да бидат еднакви меѓу еднаквите. Успехот бара работа, учење, труд, доследност. Успехот не е поврзан со етничка група, вера, раса, пол. Успехот зависи од самите нас, од нашиот труд, мотив и волја.

8. Која е твојата порака за помладата генерација на Роми?

На помладата генерација на Роми би им го препорачал следното. Оставете ги мобилните телефони и таблети на страна, што повеќе другарувајте со книгите, слободното време посветете го на читање и учење. Колку што можете повеќе разговарајте со вашето семејство дома, посветувајте внимание на вашите блиски, дружете се што повеќе со вашите пријатели и роднини. Учете, учете и само учете. Одберете си хоби, омилен спорт или друга активност со која ќе се бавите во слободното време. Одберете си позитивен пример за ваш идол. Не е важно дали тоа ќе е политичар, доктор, професор, глумец, правник, амбасадор, архитект. Поставете од него или неа постер или слика во вашата соба, секое сабајле и секоја ноќ пред заспивање гледајте ја истата и посакувајте да бидете како вашиот идол. Никогаш не се откажувајте, трудете се и бидете доследни. Дури и минимален секојдневен прогрес е подобар од секојдневната стагнација. Доследноста и упорноста се клучот на успехот.

Hazri kerga:Roma Press-Erdan M.