„Вчера имаше масовна акција од страна на МВР – сите мачки и кучиња кои беа најдени на улица за време на полицискиот час беа казнети со парична казна или со лишување од слобода. Се работи за улични животни кои немаат сопственик. Оние пак што биле надвор со своите сопственици не се казнувани затоа што одредбите и протоколите на вонредните мерки го регулираат ова прашање преку предлог одлуките на владата кои беа изгласани од пратениците во нашето Собрание.
Ова е одличен пример на политичко-институционална симбиоза во полнењето на државната каса, која покрај многуте дупки и празнини, секогаш наоѓа начин да црпи пари од граѓаните, компаниите и (од вчера) од уличните животни. Уште еден пример како се (зло)употребува лошо напишан закон, во овој случај владина мерка, за кои нашите институции редовно си земаат право и слобода за своја интерпретација и апликација на истите.
За владетелите и нивните поддржувачи ова е демократска креативност додека за опонентите ова е анархија и нечовечно.
Коментарите на социјалните мрежи беа стандардни, од голема поддршка преку критика до згрозување од постапката. Типичен алгоритам во резонирањето на нашите сограѓани и нивното разбирање на македонската етно-демократија во амбиент исполнет со сите можни начини на додворување кон власта или пак нејзино оцрнување. Во средината останаа се помал број на граѓани кои делуваат изгубено во лавиринтот на лаги и манипулации од едните и другите, со лажна надеж дека сето ова не ги засега и нема да влијае врз нивната иднина.
Дечки, шегата настрана оти не е време за шегување и игнорирање на одредени тековни процеси и иницијативи покренати од страна на популистичките центри на моќ. Дека не е време за зафркавање и игнорирање на опасностите од популизмот е доволен фактот дека популизмот стана интегрален дел во наративот и пропагандата на десните и левите политички партии. Не ни се веќе потребни анализи и проценки за нивните методи за освојување на власта и триковите за држење на власта затоа што цената на популизмот ја плаќаме сите ние во изминатите 11 плус пет години.
Од друга страна, многу е јасно дека треба итно да си ги преиспитаме нашите одлуки и однесување, од политички, вредносен, културен и социолошки аспект, во однос на изјавите и најавите на политичарите кои нè засегаат сите, без разлика на нашиот политички и социо-економски статус.
Пред десетина дена во јавноста е објавен таканаречениот нон-пејпер, кој наводно е напишан и предложен од Јанез Јанша, сегашен премиер на Словенија. Верувам дека повеќето читатели на Рома Пресс знаат какви решенија предлага овој документ за замрзнатите конфликти меѓу државите наследнички на СФРЈ плус Албанија.
Претпоставувам ги знаете официјалните ставови на одредени влади, меѓународни институции, поединци, како и молчењето на неколку премиери и претседатели кои се најповикани да се произнесат за предлог решението за менување на границите. Веќе десет дена сите мудруваат, кој со молк кој со јасно искажан став. Се редат претпоставки врз претпоставки од едните, другите, третите, се ламентираат можни опции и сценарија како големите геополитички играчи би играле во одредено сценарио и така натаму.
Јас тука ги повикувам и потсетувам нашите ромски лидери, било тоа политички, активисти, интелектуални или еснафски да истапат јавно со свој став и секако план како мислат да го заштитат интересот и безбедноста на ромската заедница. Барем засега и досега немам прочитано или слушнато јавна изјава во името на ромската заедница во однос на прекројувањето на границите на регионот. Сите заедно мора да се прашаме какви и колкави последици ќе има врз ромскиот народ во државата и регионот и што треба да направиме за да не дозволиме да бидеме повторно колатерална штета во игрите на гаџованите. Како ќе ги искористиме лекциите од војните во регионот по распадот на Југославија, дали повторно ќе бидеме неопределени, дали повторно ќе дозволиме да бидеме ангажирани или присилно мобилизирани од конфликтните страни. Вака беше додека се распаѓаше СФРЈ и конфликтот од 2001-ва, едно време се преправавме дека не знаеме кој на која страна бил, за да набрзо сето тоа го заборавиме поради наследените и непроменети проблеми – сиромаштија, расизам, дискриминација, невработеност, омраза – кои доаѓаат од истите тие на чија страна бевме, молкум или присилно. Сетете се на годините на помирување после конфликтот од 2001, ниту еден збор, помен или пишан траг за нас и нашите жртви од двете страни. Останавме без име и без број, исто како во Аушвиц, оти завојуваните сили беа себични во прикажувањето на фактите и доказите.
Замислете дека во следните 3 години границите ќе се сменат според словенскиот предлог. Не е важно како (иако е многу важно), дали по мирен пат или војна, замислете на која страна од границата одеднаш ќе се најдете, на која територија ќе живеете и креирате иднина за вас и вашето семејство. Исто така замислете дека можно е да се најдете во различни територии со вашите родители, браќа, сестри и роднини, ќе имате различит официјален јазик, власт, институции и економски можности. Сега малубројни, во новите територии, кои којзнае како ќе се викаат, ќе бидеме уште помалубројни и сосем неважни, затоа што новите територии ќе влезат во нов циклус на правење држава, кој во суштина нема да биде ништо различито од досегашниот три- децениски циклус на градење држави и институции.
Некој од нас Ромите можеби размислувал и замислувал што ќе биде и какви одлуки ќе треба да донесе доколку дојде до ваква промена…некој пак можеби воопшто не размислува на оваа тема. Сето тоа е во ред кога се однесува на индивидуално ниво.
Не е во ред кога за оваа тема не се дискутира и размислува на колективен план, доколку сакаме навистина да докажеме (според скорешната Осмо-Априлска прослава) дека сме нација со сите нишани, односно во најмала рака дека имаме политичко-интелектуално лидерство спремно да го води својот народ во добри и тешки времиња и секако превземе одговорност за своите лидерски одлуки. За жал, досега немаше ниту еден настап ниту повик од нашето сегашно лидерство за итна средба и донесување јавен став во името на ромскиот народ. Веројатно нашите политички и интелектуални лидери од Македонија и Балканот се зафатени со други теми а можеби потајно разговараат на оваа тема ама не сакаат да ризикуваат со изнесување на јавен став.
Во овој период од десетина дена наидов само на еден текст во Србија кој ги спомнува консеквенците врз ромскиот народ и другите малцинства доколку ова парче хартија со фломастер нацртани граници има своја политичка реализација. Пораката е кристално јасна, во ново-формираните територии кревкиот политички капацитет и потенцијал на малцинствата, вклучително ромскиот, ќе биде целосно избришан, затоа што ќе имаме најмалку две етнички чисти големи држави, а останатото ќе биде дефинирано како енклави, конклави и микро региони врз основ на бројноста на дадена етничка група.
Со ова, „нашиот сон“ да бидеме не-територијална или без-територијална нација ќе се оствари. Намерно сум циничен, но не и малициозен, во однос на скорешното одбележување на 50 годишницата од почетокот на ромската еманципација и само-организирање. Јас сум свесен дека ромското движење, како и секое друго движење, стреми да биде масовно и најде начин како да стигне до својата цел. Иако ромското движење имаше свои успони и падови, сепак успеа да створи видливи резултати и вредности кои нè зближија како народ преку градење на заедничка визија и имагинарно-романтична иднина за нашите идни поколенија.
Според мене оваа визија е сеуште во процес на градење, односно не е целосно дефинирана, да не кажам нејасна. Очигледно е дека нашата цел сакаме да ја постигнеме на мирен начин, без конфликт и без човечки жртви. Поради таквата определба ние мислиме дека сме лојални граѓани, односно малцинство, во сите европски држави, без разлика дали тие нè препознаваат или признаваат како малцинство. Нашата лојалност не е доведена во прашање дури и кога полицијата нè тепа, малтретира, или како неодамна кога поедини гаџовани силеџиски сè изживуваат врз нашите деца. Сето досега сторено од наша страна е веќе видена приказна, нашите реакции се со краток здив и парцијални решенија. Нема моќ и отпор кои ќе спречат такво нешто да се повтори.
Нашата замислена лојалност е во прашање и секако почитувањето на законите и институциите, иако знаеме дека се пишувани и аплицирани од гаџовани. Ние за возврат не добиваме ништо за нашата лојалност како колектив затоа што веруваме и очекуваме законите и мерките да важат подеднакво за сите. Ама пуста и наивна желба, не било така. Додека ние веруваме и се надеваме, нашите сограѓани и елити сè крадат и лажат меѓусебно, а нас не влечат по уши, даваат лажни ветувања кога треба да гласаме на избори. Ниту еднаш досега не кажавме дека не ги признаваме гаџованските закони особено кога се пристрасно и селективно аплицирани врз нас. Ниту пак граѓанска непослушност. Јас тука јавно кажувам дека нашата ромска лојалност кон државните апарати е всушност покорност кон моќта и силата на гаџованските држави. Секој лојален граѓанин, според словото на законот треба да е заштитен од државните институции.
Такво нешто не се случува и нема скоро да се случи, затоа што нееднаквоста генерирана од капитализмот, односно големиот јаз меѓу сиромашните и богатите ќе доминира и диктира политики во интерес и заштита на моќните и богатите уште многу децении.
Мојата критика кон двигателите на ромската еманципација дополнително се храни од кратковидоста, да не кажам краткоумноста, на одредени лидери, било претходни или сегашни, кои наивно веруваат и очекуваат гаџованите да го променат своето мислење и однос кон нас. Тоа беше големата илузија на нашата еманципација, која во 2000тата година дозволи десните популистички партии на гаџованите да внесат забуна во нашата кауза. Мудроста на генерацијата од 71 година доживеа крах со официјалното барање од страна на ИРУ во ООН Ромите да бидат признати за нација без територија.
Автор на тој нон-пејпер беше Паоло Пиетросанти кој со амин на раководството на ИРУ беше уште еден обид за градење односи и стекнување на некојси политички статус во рамките на ООН како членка-набљудувач.
Оние кои не слушнале за Пиетросанти треба да знаат дека бил член на Радикалната партија, класична националистичка и нео-фашистичка партија која се бореше за отцепување на северниот дел од Италија. Јас не знам како Пиетросанти влезе во круговите на ИРУ ниту кој го донесе, но сигурно се знае кој седел во раководството на ИРУ во тоа време. Тоа беа години кои ја навестуваа декаденцијата на либерализмот како доминантна политика на глобалниот капитализам во кои беа вешто искористени сите прилики за тестирање и легитимирање на идеите на десно ориентираните конзервативни популисти. Пиетросанти, кој беше сепаратист за чиста етничка територија, ја искористи отвореноста и искреноста на ИРУ, секако и наивната лојалност кон тековните меѓународни и национални институции, за да експериментира со темата Роми без да ризикува политички скандал за својата матична партија.
Нема да навлегувам во детали околу реакциите во рамките на ООН, но ви препорачувам да го прочитате нон-пејперот на Пиетросанти и неколкуте реакции меѓу академската фела. Само да потсетам дека од таа година почна расцепот во ИРУ и забрза губењето на угледот и легитимитетот на организацијата на меѓународен план. Поради ваквата несериозност, после Петтиот Конгрес на ИРУ во 2000 година, а потоа и ЕРТФ, овие организации не стекнаа доволен углед и кредибилитет за добивање на финансиска отштета за жртвите од нацизмот. Разлогот е јасен, со едно парче хартија, напишан од гаџован, ИРУ се занесе дека може да го предизвика глобалниот политички систем и уредување, без притоа да си ги преиспита своите идеи и капацитети во однос на реалниот однос на силите. Чист акт на себе-саботажа.
Мојот став кон двата документи, оној на Јанша (иако не признава дека е негов) и оној на Пиетросанти (во име на ИРУ кој претендираше да збори во името на сите Роми) е негативен и одбивен. Никој нема право на овој свет да каже ниту декларира во наше име дека сме нетериторијална нација. Ниту пак некои академски кругови да тврдат дека Ромите немаат концепт за терминот нација и држава. Не мора нашата визија и концепт за нација да биде иста со таа на гаџованите, исто како што нацијата не се дефинира само со територија! Како што претходно напишав во една колумна, нашиот концепт и смисол за слобода, правда и мир е во праксата на ромската култура на живеење – да се биде човек со човечки однос кон луѓето и природата.
Од друга страна, ниту една држава нема право да предложува менување на граници на други држави според своите политичко-идеолошки идеи. Особено не десен популист кој очигледно бара начин да привлече внимание и прибере политички поени. Секоја држава има свој суверентитет и легитимно право да го брани истиот, преку дијалог или воена сила. Зрелите и мудри политичари користат дијалог во одбрана на сувереноста и интересот на својата држава. Тој дијалог треба да е јавно достапен за сите граѓани на балканските држави. Од друга страна, отворена дилема на секој државник е дали да завземе официјален став за документ кој нема формално правен автор. Нон-пејперот е шпекулативен документ но сепак со потенцијал на опасни последици врз стабилноста на регионот. Затоа не треба да се игнорира и премолчува, односно треба веднаш да се реагира со официјален државнички став против негова реализација.
Разликата меѓу ромскиот и гаџованскиот нон-пејпер е димензионираниот обем на политичкиот предлог и неговиот потенцијал за нарушување на мирот и безбедноста. Ромскиот во 2000-та година помина без многу внимание и заврши во архивите на ООН. Словенскиот пак е сеуште тазе објавен, привлече внимание, осуда, негативни критики и некоја скриена поддршка. Зависно од тоа дали го осудувате или поддржувате тој носи потенцијал за генерирање нестабилност или ново решение на Балканот. Прашање е дали ќе биде балканско или европско прашање за безбедноста и мирот. Во меѓувреме, ромските лидери и интелектуалци треба да побрзаат со своето зреење и најдат методи за одбрана на својот народ. Во спротивно, ќе останеме без сопственик во новиот експеримент на Балканот, слично на веста од воведот на оваа колумна, која е порака со метафорично предупредување за однесувањето на некоја следна власт во некоја имагинарна државна територија.
За жал, нашето минато е многу богато со страшни погроми, организиран лов на нашите претци, прогони и ропство од страна на гаџованите. Уште пострашно, многу гаџовани сеуште мислат и се однесуваат кон нас така, феудалистички од средниот век и нацистички расизам од минатиот век.
Автор
Надир Реџепи Април 2021
Roma Press