КОЛУМНА-До кога тишината ќе биде погласна од неправдата?

394

Состојбата на Ромите во Македонија одамна не е само социјално прашање, впрочем таа е огледало на државата, на нејзините институции и на нејзината совест. Лошата економска состојба, ограничените можности за образование и вработување, како и секојдневната борба за достоинствен живот не се новост. Ново е само тоа што овие теми стануваат,,видливи” единствено кога ќе се случи некаков инцидент или настан што накратко го привлекува вниманието на јавноста и потоа се е исто.

Секоја актуелна влада без разлика на политичката боја, го третира ова прашање како еднодневна тема. Денес сме,,важни” па искористетеја до крај, ама утре повторно невидливи. Наместо системски пристап и долгорочни решенија, ние исто па исто добиваме симболични гестови и празни ветувања.
Но,најболното прашање останува-правдата.

Дали навистина живееме во држава со еднакво судство за сите? Или правдата има цена, тежина и адреса? Сведоци сме на случаи каде што за ситни прекршоци се изрекуваат големи казни, години затвор за дела што во друга околност би биле третирани поинаку, по примерот со ѕиданите пари.  Од друга страна, оние со моќ и ресурси често остануваат недопирливи, заштитени се додека не се докажува вина, тогаш каде сме ние који гласно говориме за еднаквост?

Видете, ова не е само правен проблем туку ова е длабока неправда што создава чувство на пониженост, страв и безнадежност. Кога казната не е еднаква за сите, тогаш таа престанува да биде правда и станува средство за селективно дисциплинирање.

Тогаш, каква е оваа држава? И каква е оваа правда?

Ние како Ромска заедница често слушаме дека имаме глас. Но каков е тој глас ако не смее да се засили? Ако постојано ни се кажува колку гласно смееме да зборуваме, кога да зборуваме и за што? Тоа не е слобода туку тоа е контролирана тишина.

Поговорката укажува ,,Како ќе ти свират, така ќе играш“ оваа мисла премногу долго ја дефинира нашата реалност.

Но прашањето останува: До кога?

– До кога ќе прифаќаме да бидеме тема само кога е згодно?
– До кога правдата ќе биде селективна?
– До кога нашите животи ќе бидат статистика, а не приоритет?

Време е ова прашање да престане да биде маргинално. Време е да стане централно, не само за Ромите, туку за целото општество. Затоа што држава што не обезбедува еднаков систем, правда за сите, на крајот не обезбедува правда за никого.

И на крај:,,До кога ќе стоиме на дождот без чадор”-ова не е шега, туку повик за промена.

 

Aвтор:м-р Севгул Абдула.

(Ставовите објавени во рубриката-Колумни се гледиште на авторот,Рома Прес не сноси одговорност за содржината на истите)