Заложби за системски и трајни решенија за интеграција на Ромите

1459

Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите во Република Северна Македонија, на 29 ноември 2019 година, одржа работен состанок на барање на Неформалната мрежа на ромските граѓански организации.

На работниот состанок, освен координаторот на Интерпартиската парламентарна група, Самка Ибраимоски, присуствуваа и пратеници членови   на  Групата, заинтересирани пратеници, претставници на 12 ромски граѓански организации, како и претставник на Мисијата на ОБСЕ.

На состанокот се водеше конструктивна дискусија за проблемот со лицата без лична идентификација, за легализација на населбите со доминантно ромско население, за учество на член Ром во Комисијата за заштита од дискриминација и за проблемот со вработување на Ромите во државната и јавната администрација.

Средбата имаше за  цел меѓусебно запознавање и разговор за  правната рамка за унапредување и заштита на правата на Ромите, степенот на нивните права и реализација на истите, можностите за подобрување на состојбите, како и идно изготвување на измени и дополнувања на различни закони.

Пратениците изразија безрезервна и силна поддршка на работата на ромските граѓански организации кои искрено се залагаат за системски и трајни решенија за интеграција на Ромите во Република Северна Македонија и укажаа дека Ромите не треба да бидат маргинализирани и треба да ги уживаат своите права загарантирани со Уставот.

Се истакна дека оваа Интерпартиска парламентарна група претставува уникатна институционална рамка за дијалог. Координаторот Самка Ибраимоски даде преглед за досегашната работа и воедно даде предлози и препораки за подобрување на работата на ромските граѓански организации, особено преку подигнување на јавната свест за прашања од меѓуетничка природа.

На средбата се отворија бројни прашања кои се појавија изминатите години, но се дадоа и одговори на повеќе дилеми. Исто така, се идентификуваа тесните грла и беа дадени законодавни и институционални препораки.

Врз основа на расправата, Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите ќе донесе соодветни заклучоци и препораки и ќе ги достави до релевантите страни за ова прашање.

Рома Пресс-извор Собрание на Р.С.М