Денес, 8 Септември, го одбележуваме Денот на независноста на Република Македонија – ден кој претставува важен дел од нашата понова историја и ден кога ја одбележуваме самостојноста на нашата држава.
Но, денес повторно сме сведоци на различни коментари, објави и пораки во кои празникот се поврзува со општата економска, политичка и социјална состојба на Ромите.
И тука мора да се запрашаме: дали навистина секој празник треба да го претвориме во простор за лична промоција, политички поени, лајкови и поголема видливост?
Пријатели, денес одбележуваме еден важен ден од нашата понова историја – денот на осамостојувањето на државата. Кога зборуваме за овој ден, не треба да мешаме „баби и жаби“ само затоа што сакаме да извлечеме личен бенефит од моментот.
Имено, ајде да бидeме искрени. Ромите не живеат во тешка економска и социјална состојба само на 8 Септември. Тие со своите проблеми живеат 365 дена во годината.
И токму затоа логично се поставува прашањето: Каде сме сите ние во останатите 364 дена?
Кога не е празник, кога нема можност за јавна објава, кога нема медиуми, лајкови и публика – дали тогаш исто толку гласно зборуваме за сиромаштијата, невработеноста, образованието, домувањето, здравството и иднината на ромските деца?
Или, пак, од истата таа тешка состојба успеваме да извлечеме лична корист преку различни активности, проекти и финансиски средства, а потоа пред јавноста се претставуваме како најголеми борци (жртви) за правата на Ромите?
Ова е прашање кое мора да го поставиме, не говорам за некого лично да ги навредам или најмалку да обвинуваме без докази, туку за да побараме одговорност, транспарентност и резултати.
А бре луѓе… Со години се вложуваат огромни средства во подигнување на свеста, зачувување и унапредување на ромскиот јазик, културата, традицијата, уметноста, театарот и другите сегменти од ромскиот идентитет. Но, каде се резултатите?
Ако навистина се вложуваат толку средства, тогаш зошто кај голем дел од ромската заедница гледаме спротивен тренд? Зошто ромскиот јазик се помалку се користи? Зошто културните активности се намалуваат? Зошто ромскиот театар и уметност се маргинализираат? Каде е ефектот од сите тие проекти и програми?
Ако средствата се наменети за заедницата, тогаш заедницата мора да го почувствува нивниот резултат.
Не е доволно да постојат проекти на хартија, конференции, фотографии, соопштенија и извештаи. Потребни се конкретни промени во животот на луѓето.
И тука доаѓаме до најболниот дел.
Многу мои браќа и сестри Роми секојдневно ми пишуваат за своите проблеми, маки и тешкотии. Тие најдобро знаат како живеат. Тие не ја гледаат ромската реалност преку проектни апликации, конференции и статистики – тие ја живеат секој ден.
Затоа, пред да се прогласиме за херои и жртви, треба прво да се запрашаме што навистина сме направиле за луѓето во чие име зборуваме.
Не можеме постојано да ја прикажуваме ромската заедница како жртва, а истовремено од таа истата позиција да градиме сопствени кариери, лична егзистенција и влијание.
Ако навистина сакаме промена, тогаш тоа треба да се гледа на терен, со вистински базични резултати без филтрирања и манипулирање.
Да работиме во подобро образование, во зачувување на јазикот,културата, функционални културни институции,подобри услови за живот и повеќе можности за младите. И затоа денес, на 8 Септември, да го почитуваме денот кој го одбележува осамостојувањето на нашата држава.
А за проблемите на Ромите – да зборуваме секој ден. Но,не само кога од тоа можеме да извлечеме корист. Туку тогаш кога навистина сакаме да направиме нешто за луѓето.
Затоа што на ромската заедница не и требаат повеќе „херои“ само пред камери, туку и требаат луѓе со одговорност, интегритет и резултати.
И Сосема на крај, Не отворајте ја куќата за луѓе за кои знаете дека можат да ја загрозат безбедноста на вашите домашни. ,,Не дозволувајте истата грешка да се повтори, бидејќи овојпат последиците може да бидат многу поскапи и непоправливи”.
Автор:M-р Севгул А.
(Ставовите објавени во рубриката-Колумни се гледиште на авторот,Рома Прес не сноси одговорност за содржината на истите)



































