Елвин Шакиров:Никој друг да не се чувствува толку беспомошно како што се чувствував јас тогаш.

41
РП. Како загубата на Вашата мајка Ве обликуваше како човек?

Е.Ш: Загубата на мајка ми не беше само лична трагедија — беше моментот кога детството нагло замолкна. Болката ме оттурна кон зрелост пред да бидам подготвен, но во исто време во мене засади тивка, но силна желба: никој друг да не се чувствува толку беспомошно како што се чувствував јас тогаш. Тогаш си ветив дека ќе направам сè што можам за децата да растат опкружени со мајчинска љубовта.

РП.Кога решивте дека онкологијата е Вашиот пат?

Е.Ш: Моментот кога сфатив дека немоќта е најстрашното чувство, решив дека мојот живот ќе го посветам на тоа да им дадам моќ на другите. Онкологијата не е само медицинска гранка; за мене таа е фронт на кој се бориме за секоја секунда надеж. Решив да бидам таму каде што се кршат копјата на животот и смртта, за да бидам оној кој ќе ја запали светлината во најгустата темнина и ќе ја претвори немоќта во непокор. Јас сум соборец кој одбива да ја прифати поразот сè додека постои барем една шанса за живот. A, таа шанса постои се додека пациентот дише. 

РП.Што се промени кај Вас „пред“ и „по“ 2018 година?  

Е.Ш: 2018 година е мојот „нулт час“, пресвртната точка која засекогаш го промени текот на мојот живот. „Пред“ 2018 година, бев средношколец со соништа за иднината.

По“ 2018 година, во мигот кога ја изгубив мајка ми, медицината престана да биде само опција за студирање – таа стана мој идентитет и мој единствен можен пат. Во тие моменти на најдлабока лична трагедија, јас не само што ја изгубив својата најголема поддршка, туку го открив својот вистински интегритет. Сфатив дека најстрашното чувство на светот е немоќта: да гледаш како твоето најмило си заминува, а ти како млад човек да немаш никаква моќ да го спречиш тоа. Сфатив дека животот не се мери според неговата должина, туку според светлината што ја оставаме зад нас

РП. Како болката ја претворивте во сила?

Е.Ш:Болката е сурова енергија ако не ја скротиш, ќе те уништи. Јас избрав мојата тага да ја инвестирам во туѓата радост. Секој пат кога ми беше најтешко, јас помагав некому. Таа алхемија на претворање на солзите во мотив е она што ме изгради. Денес, мојата сила не доаѓа од заборавот, туку од сеќавањето на тоа колку вреди борбата.

РП. Од каде ја црпите мотивацијата денес?

Е.Ш:Најмногу од се, ме мотивира ветувањето дадено пред себеси и пред споменот на мајка ми – дека нејзиното заминување нема да биде залудно, туку ќе биде темел за илјадници нови приказни за успех.  

РП.Како личното искуство влијае на односот со пациентите?

Е.Ш: Јас не гледам пациент, јас гледам мајка, татко, брат или сестра. Моето искуство е мојот „шесто сетило“. Тоа ми овозможува да ја препознаам нивната тишина, нивниот страв и нивната надеж. Пациентите не бараат само онколошка терапија, тие бараат сојузник. Јас сум нивниот сојузник затоа што сум бил во нивните чевли.

РП. Што значи за Вас да им помогнете на деца што поминуваат низ слична болка?

Е.Ш: ​Тоа е мојот начин на зацелување на сопствените рани. Да бидеш светлина за едно дете во неговиот најтемен тунел е најсветата должност. „Помагајќи им на нив, се навраќам кај малиот Елвин и му носам мир што тогаш му недостасувал. Во тој процес, мојот пат добива вистинска смисла.

РП. Со какви предизвици се соочивте како млад лекар?

Е.Ш: „Мојот најголем личен предизвик, а воедно и мојот најголем страв, е неизвесноста што ја носи нашиот здравствен систем. Искрено ме вознемирува помислата дека по целата лична жртва и патот поплочен со болка и желба за промена, би можел да се изгубам во лавиринтите на бирократијата барајќи работа.Стравот дека нема да најдам соодветно место во македонскиот здравствен систем е мојата најголема битка, бидејќи најмногу од сè ме плаши помислата дека овој систем може да ме принуди да заминам во друга држава. За мене, заминувањето не е само промена на адресата, туку прекинување на заветот што го дадов тука.

Не сакам мојот труд, моето знаење и пулсот на мојата мајка што го носам во моите раце, да служат на туѓ систем. Најголем предизвик ми е да останам доследен на својата мисија и да си го изборам правото да им помагам на моите луѓе, тука каде што се моите корени и каде што мојата помош е најпотребна. Одбивам да бидам само уште еден лекар кој заминал, но стравот дека системот нема да ми даде шанса да останам е мојот најголем немир.

РП.Што би им порачале на младите Роми кои сонуваат за медицина?

Е.Ш: Би им порачал никогаш да не дозволат некој друг да ги дефинира нивните граници. Медицината е тешка, но е најблагородната професија. Образованието е најмоќното оружје што го имаат. Верувајте во себе, учете напорно и знајте дека патот е тежок, но наградата – да се спаси живот – е бесценета.

РП.Како се справувате со тежината на професијата?

Е.Ш: Тежината на оваа професија е огромна, бидејќи во онкологијата секојдневно на своите раменици ја носите одговорноста за нечиј живот и надеж. Таа емотивна тежина ја амортизирам преку враќање кон природата и тишината. Прошетките на чист воздух и звуците на природата ми помагаат да ги подредам мислите и да го исчистам умот од тешките болнички ходници.​  

Но, во овој процес на „полнење на батериите“, поддршката од најблиските е незаменлива. Би сакал да ја искористам оваа прилика да им изразам огромна благодарност на моите пријатели Столе  Јанев и Дарко Чачаров.

РП. Што за Вас значи да се биде успешен лекар?

Е.Ш: Успешен лекар е оној кој разбира дека лекувањето започнува од моментот кога пациентот ќе почувствува дека е слушнат и разбран. Успехот е во секој извојуван ден повеќе, во секоја ублажена болка и во секоја насмевка која се вратила таму каде што владеел очајот. Да се биде успешен значи да се изгради мост од доверба толку силен, што пациентот ќе знае дека во најтешката битка не чекори сам. На крајот на денот, успехот е мирниот сон со сознанието дека си направил се што е во човечка моќ за да спасиш нечиј цел свет.

РП.Кој момент од досегашната работа најмногу Ве допре?

Е.Ш: Постојат многу моменти кои оставаат траен белег, но еден посебен момент особено силно ме допре. Никогаш нема да ја заборавам самохраната мајка која, по тешката битка со канцерот, својата победа ја прослави со тапани и зурли. Глетката на нејзиниот триумф беше моќен потсетник дека ние не лекуваме само дијагнози — се бориме за нечии мајки, за нечии деца и за нечии иднини. Звукот на тие тапани за мене не е само музика, туку најсилна мотивација — доказ дека мојот труд значи нова шанса некој повторно да го слави животот. Тоа е суштината. Тоа е причината поради која ја избрав оваа професија.

РП. Каква промена сакате да донесете во иднина? 

Е.Ш:Мојата визија за иднината на македонската онкологија е всушност мојот најголем сон – сонувам за систем во кој ниедна мајка повеќе нема да биде принудена да моли за својата терапија. Никогаш нема да ја заборавам Вања, која со последните сили бараше лек само за да дочека уште еден роденден со своите деца; тоа е сликата што мораме да ја смениме засекогаш. Сакам да изградам онкологија каде што достоинството на пациентот е на прво место, каде лековите се секогаш достапни и каде ниту еден човек нема да биде оставен сам на себе. Не смееме да дозволиме веста дека нема лек или терапија да им паѓа на луѓето како „гром од ведро небо“, оставајќи ги во очај да се прашуваат од каде ќе најдат пари за да си го купат правото на живот. аде ниту еден човек нема да поминува часови во чекање по ходниците, бидејќи во оваа борба секоја минута е живот.

​Мојот сон вклучува и целосна системска грижа која оди подалеку од болничкиот кревет, каде што општините и државата ќе обезбедат организиран превоз за секој пациент кој оди на хемотерапија, за да не мора изнемоштените луѓе да се грижат за логистиката на своето преживување. Сакам да воведеме реални олеснувања по примерот на поразвиените земји, како укинување на сметките за во    да и комуналии за овие семејства или обезбедување директна помош во храна и финансии. Но, пред сe, се борам за онкологија која ќе биде еднакво достапна за секого – и за „тетка Дујгу“ која сиот свој живот го поминала чесно работејќи по нивите, а не само за привилегираните. Медицината не смее да биде луксуз за кој се собираат донации, туку сигурен систем кој го штити секој граѓанин.
————

Интервјуто го спроведе Севгул Абдула-Рома Прес, а наш гостин беше Елвин Шакиров, студент на општа медицина во 6-та година на Универзитетот „Гоце Делчев“ – му благодариме за издвоеното време и инспиративниот разговор, со желби за понатамошен успех.“