Колумна…Македонија и вкоренетиот расизам

955

Од каде да почнам?
Аха, да… од мотивацијата да го пишам текстов во слободен стил. Три камено цврсти причини: Свежата случка од чаршија, одбележување на светскиот ден на борба против расизам и споделување на мој заклучок од акумулираното искуство од претходните години.

Одлучивме да пиеме кафе во еден многу познат кафиќ во Тетово. Времето беше наклонето за прошетка со нашето 9 месечно синче со кого малку шетаме во изминатите денови токму поради студеното време.  Се сместивме во отворениот дел на кафиќот во кој влегувам можеби дури после една деценија. Пријатно ме изненади пријател од средно кој со своето бебенце помина и дојде да се поздрави со мене поради тоа што не се имавме видено долго време.

До нас во кафиќот се сместија две жени со малечко бебенце. Во еден миг нашето синче се загледа во бебенцето и онака топло бебешки си разменуваа насмевки. Моменти кои се бесценети и не верувам дека постои човечко битие што би ги сопрел. (Најверојатно) Мајката, жената кое го држеше бебенцето онака ладно го сврти нивното бебе и се постави со телото ко неосетно на позиција која даваше порака „Нема потреба да комуницираат“. Се запрепастив. Ниту ни пишуваше име на политичка партија на чело, ниту на која етничка заедница, ниту кои сме, ниту на која религија припаѓаме.

Прво поради фактот што го почуствував она исто што го поминував во моите школски денови, онаа одбивност поради тоа што не сум како нив. Второ, болката дека и мојот син ќе треба да поминува низ слични нешта ме зајакна и само ја бетонира мојата волја да се борам за вакви ситуации да се случуваат никаде.

Зарем постојат луѓе кои децата ги двојат уште од мали нозе? Да, постојат јас читав и известував за тоа, но сега и лично се уверив. Се делат ли деца, кој е стравот, како може да се посегне по слободата на детската игра?
Тука се освестив колку сум јас богат и повреден од таа мајка и сличните на неа. Тука заклучив дека живеењето надвор од Македонија ме научи на почитување на луѓето, а за жал голем дел од граѓаните во државава различноста ја гледаат како граница а не богатство.

Иако Македонија се смета за мултиетничка земја, недостига професионален простап за подобрување на меѓуетничките односи од мали нозе. Недостига сеопфатна педагогија НА РОДИТЕЛИТЕ дека децата не знаат за знамиња, јазик, религија, партија.

Ако таква едукација не се даде на наставениот кадар почнувајќи од градинките и секако родителите, тогаш однапред се осудуваме самите себеси да ги носиме на грб последиците од расистичкото однесување на нашите деца. Ако родителите не се освестат и престанат да ги користат фразите како „ако не јадеш супа циганката ќе те земе“ свесно ќе продолжиме да градиме граници кои понатаму знаеме во што прераснуваат. Потребата за едукација на родителите е приоритет.

Треба да разберат што е расизам, колку е тоа грдо и кои се последиците. За ова не се потребни странски проекти туку може и треба да се направи со пари собрани од даноците на граѓаните.

Автор: Адем Адеми