СТАНАА ГАЗДИ СО ГЛАСОТ НА РОМИТЕ!

1627
Ерџан Селими

Во време кога човештвото испраќа летала што ја истражуваат вселената, во време кога човештвото трага по вонземскиот живот за чии цели и потреби се издвојуваат стотици милијарди евра, ЗА НАС РОМИТЕ најголем предизвик и најголемо достигнување на 21-виот век ни претставува изградбата на канализациона мрежа, водовод и асфалт, за што се радуваме како мали деца.

Често меѓу мојот народ слушам како велат: “ШТО е работава со нас, што ни се случува? Дали НИЕ Ромите сме проколнати, зошто постојано не следат големи неправди и кошмари”.

Поминаа точно 26 години од осамостојувањето и појавувањето на плурализмот во нашата држава. И така, во овој 26 годишен период имавме Роми претеници, министери, зам. министри, директори, советници, градоначалник итн. Единствена работа која ги поврзува сите овие горенаведени именувани позиции е тоа што сите тие функции/позиции не беа доволно искористени во интерес на унапредувањето на правата и положбата на Ромите, туку истите функции/позиции беа искористени единствено за нивните лични и фамилијарни интереси. Во насока на разоткривање на маската на овие транзитни политичари за тоа колку тие си го сакаат својот народ, би го навел моментот на вработување во државната администрација, каде нашите транзитни ромски политичари си ги вработија своите ќерки, зетовци, синови, снаи, внуци но и бизнисот одлично им одеше со земање пари за вработување.

“Па зарем немавте ни грам совест, знаејки ја состојбата во која се наоѓаат Ромите, да си дозволите таков луксуз да се збогатите на сметка на најсиромашниот народ”.

Ромските транзитни политичари станаа газди со гласот на Ромите. Како да малку им наштетија на Ромите и малку си ги наполнија џеповите, ТИЕ сеуште бесрамно се борат да опстанат на политичката сцена и уште повеќе да го осиромашат ромскиот народ.

Како резултат на слабата финансиска состојба, Ромите не се во можност редовно да си ги подмират своите месечни но и секојдневни трошоци. Ваквата лоша состојба оневозможува задоволување на сите потреби од општествениот живот.

Во овој изминат период од 26 години гласот на Ромите вели дека останавме многу назад во унапредувањето на нашата положбата, процесот на интеграцијата на Ромите е бавен како стар селски воз!

Социјалната исклученост на Ромите бара сеопфатни развојни и афирмативни политики со цел овозможување на еден достоинствен живот, а не декларативни политики.

И така размислувајки што треба да преземе за да излеземе од овој лош кошмар во кој се наоѓаме цели 26 години дојдов до некој си заклучок дека единствено решение за нашите маки и проблеми е УЛИЦАТА, како веќе докажано РЕШЕНИЕ! Еднаш засекогаш пред се да покажеме на сите храброст и сплотеност, да им дадеме на знаење дека сме ТУКА, ПОСТОИМЕ и НИЕ сме дел од ова општество. На улица сите до еден на еден мирен протест како почетен чекор нужен во изразувањето на нашето незадоволство од третманот на нашата држава кон Ромите.

Мирен протест како едно од елементарните човекови права и чекор кој што досега не сме го презеле.

Мирен протест со цел артикулирање на потребите и барањата на нашата заедница.

Мирен протест со цел да ги запреме негативните процеси насочени спрема нашиот народ.

Мирен протест за примена на квалитетни норми и мерки.

Мирен протест за обезбедување на правичен буџет наменет за специфичните неопходни потреби за еднаков развој на сите граѓани.

Мирен протест за да се избориме за подостојно место на нашата заедница во ова наше општество

А за ромските транзитни политичари кои станаа газди со ромски глас, ВРЕМЕ Е да се пензионираат, да си заминат од политичката сцена достојно бидејки веќе си ја постигнаа својата цел, си ги преполнија своите џепови. Ако за 20 години не успеале да направат никаква позитивна реформа за својот народ, која е логиката и понатаму да им се даде можност и верува на овие политичари. На погубната политика кои ја трасираат овие транзитни политичари сиве овие години треба да и ставиме крај.

Сепак има светло на крајот на тунелот. Пред нас има една нова генерација која сака да носи промена на нашиот народ, генерација која е спремна посветено, стручно, одговорно и во интерес на ромска нација да организира и промовира активности кои ќе влијаат на еднакво вклучување на Ромите во ова наше општество, генерација која силно и посветено сака да започне со креирање на нов пат по кој ќе се движи идниот просперитет на Ромите. Крајот на овој текст ќе го заокружам со зборовите: “Ромите се сакаат со дела, а не со празни зборови”. зборови кои особено сакам да ги посветам на сите оние политичарите кои очигледно заборавиле како се сака еден народ. Да ги потсетам дека Ромите не се сакаат само со празни моќни изразени зборови за време на избори!

Автор: М-р Ерџан Селими
Колумната е превземена од “Курир”