Обраќање на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, по повод одбележувањето на 8-ми септември – Денот на независноста

2102

Добродојдовте на одбележувањето на овој исклучително значаен историски ден. Имам чест што денес сум домаќин на овој настан, како што впрочем е и редот, со оглед на тоа што токму овде, во законодавниот дом, во домот на граѓаните, пред точно дваесет и осум години, нашите колеги од тој пратенички состав, ја ставија на хартија и во живот одлуката на граѓаните од спроведениот референдум на 8-ми Септември 1991 година кога вековниот сон, вековната желба за слободна, независна, суверена држава се оствари бидејќи граѓаните се определија за таква самостојна, суверена држава чии што основни постулати за развивање на граѓанското општество беа вградени и во највисокиот законодавен акт – во Уставот на државата. Покрај тоа, беа детерминирани и стратешките цели од суштинска важност за напредокот на државата, цели за кои имавме и се уште споделуваме заедничка определба мнозинството граѓани уште на самиот почеток на самостојноста, а тоа е полноправното членство и интеграција во Европската Унија и НАТО.


Почитувани присутни,
Многу води протекле од тој ден, многу убави меѓутоа и не толку убави настани. Растевме, ги прележувавме детските болести, некои побрзо а некои се уште траат, но по пат и учевме и извлекувавме поуки, како и секое новороденче, нели? Дали сме сега доволно зрели, доволно мудри и напредни не сакам да констатирам меѓутоа едно знам, времето ќе покаже. Времето е најдобар индикатор за тоа колку сме биле, сме или мислиме да бидеме внимателни со тоа што го имаме. Дали ќе знаеме да го негуваме за да расте, се развива и биде пример кон кој што ќе го впери прстот регионот и светот, и дали тоа ќе биде за добро или за лошо.

Дами и господа,
Во овие 28 години самостојност, сите кои беа дел од донесувањето, спроведувањето и живеењето со донесените одлуки од овој или оној политички чинител, работеа многу на внатрешен, меѓутоа и надворешен план за денес Република Северна Македонија да биде држава на рамноправни граѓани, држава во која се почитуваат како индивидуалните, така и колективните човекови права. Општество кое функционира мултиетнички, мултикултурно и мултиконфесионално и како такво претставува позитивен пример за регионот и светот.
Законодавниот дом, местото каде што се води дебата и се донесуваат предложените закони за спроведување на потребните реформи, и каде што всушност се кршат копјата, беше и е вистински показател за тоа колку сме созреале, колку сме научиле да се слушаме меѓу себе, да се почитуваме взаемно, да имаме разбирање за различното мислење и да имаме слух за конструктивните и добронамерни предлози. Со еден збор, колку сме го достигнале нивото на вистинската парламентарна демократија и политичка култура. Ќе бидам искрен, иако можеби некој ќе го сфати тоа како нескромен, сепак, горд сум затоа што нашето Собрание, а ова го потврдува и Извештајот за напредокот од Европската комисија, е единственото вистинско функционално собрание во регионот во кое свое активно учество имаат сите политички сили, и власт, и опозиција. Водиме транспарентен политички дијалог кој што се одвива пред очите на јавноста. Во исто време, отворени сме за соработка со домашните, странските институции, со граѓанскиот сектор и други. Активно учествуваме на сите регионални и меѓународни настани затоа што сакаме активно да учествуваме во градењето на вистински, релаксирани односи во регионот и пошироко. Затоа што веруваме дека, дијалогот е решение за секое недоразбирање и само преку искрен и транспарентен пристап кон секој проблем ќе дојдеме до најдоброто взаемно прифатливо решение.

Roma Press